Милевски: Нема никаков притисок, има само силен мотив да се успее!

Селекторот на македонската репрезентација Благоја Милевски пред утрешниот одлучувачки натпревар со Исланд за нас во желбата да се дојде до баражот за пласман на СП 2022, вели дека нема посебен притисок меѓу фудбалерите пред дуелот затоа што сите тие со своето искуство имаат зад себе бројни важни натпревари во кои завршиле како победници.

Но, „сер Боби“ нагласува дека има секако мотив да се дојде до зацртаната цел, притоа нагласувајќи дека, како што истакнувал и претходно, Исланд не е најтешкиот натпревар за нас во овие квалификации.

„Не може да кажам дека Исланд за нас е најтежок натпревар. Само што е последен и одлучува околу исполнување на нашите цели. Но, се подготвуваме како и за сите претходни натпревари, затоа што и секој претходен за нас беше важен. А, тоа што сме пред финална можност за пласман во баражот тоа не ни носи притисок, туку не мотивира“ – истакна Милевски на денешната прес-конференција, притоа дополнувајќи:

„Јасно е дека посакувавме да дојдеме во ситуација сами да одлучуваме, и среќни сме поради тоа. Полниот стадион ќе ни биде инспирација плус, а не притисок. Со ладни глави и жешки срца одиме на победа. Ерменија е зад нас, а сега сме пред нов предизвик на кој верувам дека ќе знаеме соодветно да одговориме. Знаеме се за противникот, комплетно сме подготвени за тоа што не очекува. Знам дека на вакви натпревари се случуваат и грешки но верувам дека нема да ни се случат сега и ќе дојдеме до целта“.

Македонскиот селектор нагласува дека нема повредени во тимот, и сите кои се повикани ќе бидат во комбиинација за настап.

„Нема повредени, сите се на располагање како што беше и за дуелот во Ереван. Но, сега воопшто нема да биде ист натпревар како оној со Ерменија. Не очекува нешто сосема поразлично, и така ќе одговориме од тактички аспект“ – вели Милевски.

Се вчитува...