Милевски: Ние сме во создавање на нов тим, мечот со најдобрите во светот е одлична шанса за докажување

Фудбалската репрезентација на Македонија утре од 20.45 часот на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ќе ја пречека Англија во последниот меч од квалиикациите за пласман на ЕВРО 2024 година.

Селекторот на Македонија, Благоја Милевски пред мечот вели дека ова е одличен меч за младите играчи да играат против веројатно најдобрата репрезентација во светот.

„Ние веќе направивме доста измени и во составот и во начинот на кој функционираме. Во септември, октомври и сега имаме друга физиономија со млади играчи и сме во фаза на создавање нов тим. Од ова што го гледаме имаме добра перспектива. Нормално е кога има млади играчи да има и осцилации, но сето тоа е процес бидејќи овие мечеви се одлична шанса бидејќи можете да играте против веројатно најдобрите во светот“, вели Милевски.

Околу физичката подготвеност на тимот тој вели дека за жал тоа е реалноста, но уверува дека фудбалерите секогаш даваат и повеќе од максимум кога играат за репрезентацијата.

„Свесни сме дека проблем ни е играње два силни меча во кратко време. Играчите имаат доста проблеми во своите клубови бидејќи немаат голема минутажа, а ние тука не можеме да им направиме ништо за да им олесниме. Се надевам дека нивната ситуација во клубовите ќе се поправи за да може да одговорат на ваквите предизвици. Наша цел е да изменаџираме колку можеме повеќе, а за момците морам да кажам дека тие секогаш даваат и повеќе од максимум. ЌЕ се обидеме со неколку ротации да издржиме на тој физички план“, додава Милевски.

Околу првиот меч во Англија тој вели…

„Од тој пораз во Англија многу научивме и веќе на следниот меч со Италија променивме многу и покажавме одлична игра. Имаме нов тим и млади играчи желни за докажување кои донесоа нова позитивна енергија во нашиот тим“, вели Милевски. 

Се вчитува...