Милевски: Очекувам отворен натпревар, на двете селекции им треба победа

Селекторот на Македонија, Благоја Милевски на денешната прес-конференција пред натпреварот со Ерменија утре, кажа дека очекува отворен натпревар со оглед дека двете селекции ќе одат на победи.

„И Ерменија и Македонија имаат подеднакви шанси за тоа второ место. Им треба победи на двете екипи и ќе гледаме интересен и отворен меч меч. Можеби ќе биде поразличен меч од оној во Скопје. Тој дуел помина во наша доминација. Сега очекувам сосема поинаков натпревар, отворен од двете страни, затоа што победа им треба на двете репрезентации“, рече Милевски од Ереван.

Милевски кажа дека недостатоците ќе влијаат на селекцијата, но искажа оптимизам дека оние кои ќе ја добијат шансата, ќе ја искористат и ќе дадат макисмум,

„Кога ќе ви недостасуваат вакви играчи како Адеми, Јаховиќ, Николов… секако дека е хендикеп, но оние кои се тука се подготвени да го дадат максимумот, да ја оствариме целта.  Можеби ќе има влијание и тоа утре, особено во средината на теренот. Што е тука е, во фаза сме на создавање тим кој ќе го имаме во следните 4-5 години. Но, не се откажуваме никако, секоја и најмала шанса за тоа второ место ќе мора да ја искористиме, и ќе видиме што ќе донесе тоа на крај“, изјави селекторот.

Предводникот на македонскиот национален тим кажа дека двете репрезентации добро се познаваат и дека концентрацијата ќе го одлучи победникот од мечот.

„Двете репрезентации добро се познаваат. Се работи за две селекции со тимски и индивидуален квалитет. За моменталната инспирација и мотивација е излишно да се збори, во двете екипи е на завидно ниво. Но, поголемата концентрација на самиот меч ќе го одлучи натпреварот. Ние од самиот почеток од циклусот немаме пред било кој меч повеќе тренинзи, и сето тоа што го правиме е во од. Мислам дека ќе бидеме подготвени за она што се очекува од нас за мечот да се движи во посакувана насока за нас“, заврши Милевски.

Се вчитува...