Милевски: После поразот од Германија никој не очекуваше дека ќе се вратиме на ваков начин, освен ние самите

Селекторот Благоја Милевски го покажа своето задоволство од убедливата победа над Ерменија, и честиташе на момците. Кажа Милевски дека никој не очекувал вакво враќање после поразот од Германија на домашен терен 0д 0:4.

„Пред се честитки за моите фудбалери, покажаа уште еднаш дека во себе имаат огромен потенцијал, но не е тука крајот. Имаме уште еден натпревар од овој квалификациски циклус. Што ќе се случи после тој меч, ќе видиме. Одиме од меч во меч. Никој не ни очекуваше од нас, освен ние самите дека ќе се вратиме на овој начин. Но, фудбалот е затоа интересен. Овие момци затоа беа на Европско, некои и младинско и сениорско, и покажаа голем потенцијал“, изјави Милевски.

Тој рече дека за него не било изненадување Ашковски, но дека одиграл подобро од што очекувал селекторот.

„Изненадување не би рекол за Ашковски, но тој е играч со потенцијал кој можеш да го користиш на повеќе позиции. Тоа што го одигра денеска, не само тој, туку останатите, особено што одигра на десната страна, за мене Ашковски поприродна позиција му е лев бек, и денеска одигра десно, но одигра подобро од она што го очекував“, изјави Милевски кој потенцираше дека тој и неговите фудбалери повеќе се мотивирани од критиките.

„Критиките се составен дел од нашата работа, и го почитувам сечие мислење. Секој си има право да каже што сака, но нас, мене и моите фудбалери критиките не мотивираат дополнително“, рече селекторот.

Се вчитува...