Милевски суспендиран од УЕФА, нема да ги води младинците во Австрија

Селекторот Боби Милевски нема да може да ја води нашата младинска репрезентација на денешното гостување во Австрија (18 часот), поради суспензијата изречена од УЕФА. Европската куќа на фудбалот го казни нашиот кормилар поради реакциите кон арбитрите на дуелот со Русија, откако судиите не дозволија Милевски да направи последна замена во продолжението, по што Русија во 93. минута постигна погодок за победа.

“Репрезентацијата за мене секогаш ќе биде над се. Додека сум на оваа позиција секогаш ќе ги бранам интересите на нашата селекција и никогаш нема да дозволам некој да се подигрува со угледот на тимот и федерацијата која ја претставувам. Уште повеќе по нечии одлуки кои го газат трудот на фудбалерите и прават да се чувствуваме дека сме со пониска вредност во однос на противникот. Правилата се јасно, имаме право на замена во судиското надополнување, но не ни дозволија иако имаше две можности тоа да го направиме. Репрезентацијата вечерва ќе ја предводат Роберт Стојановски и Звонко Златановски. Се надевам дека ќе бидеме исто толку мотивирани и борбени како против Русија. Ако одиграме на тој начин, нема причина за грижа, сеедно каков ќе биде исходот. За нас фудбалот треба да биде на прво место и на тој начин и се однесуваме”, изјави Благоја Милевски.

Македонија против Австрија ќе се обиде да го поправи впечаток од претходните четири дуели низ кои запишавме четири порази. Иако оној против Русија дефинитивно незаслужен.

Се вчитува...