Mилевски: Црна Гора е квалитетен противник, мораме да ја поправиме реализацијата

Фудбалската репрезентација на Македонија утре во Анталија ќе го одигра и вториот пријателски натпревар овојпат против репрезентацијата на Црна Гора.

По ремито со Молдавија (1-1) селекторот Благоја Милевски вели дека иако одиграа добар прв натпревар има работи кои што треба да се поправат особено во реализацијата.

„Не очекува еден многу квалитетен противник со квалитетни играчи кои играат во силни лиги. Мораме да го подигнеме нашето ниво во завршната фаза од теренот, поточно во реализицаијата. Не можам да не бидам задоволен од прикажаното против Молдавија, но секако има работи кои мора да ги поправиме ако сакаме да се надеваме на позитивен резултат на утрешниот натпревар. Има работи кои ќе се анализираат и по овие мечеви, за во јунскиот прозор да видиме до каде сме. Ќе има промени во составот, бидејќи тука сме дојдени за да го провериме потенцијалот на некои играчи на различни позиции. Овие два натпревари се токму за тоа. Тешко е да се игра против тим кој има нов селектор“, вели Милевски. 

Околу составот Милевски вели дека имаат проблеми со ситни повреди, но дека повеќе ќе се знае по денешниот тренинг.

„Има ситни проблеми со повреди, па денешниот тренинг ќе ни покаже кој ќе биде подготвен за утрешниот меч против Црна Гора и за тоа како ќе изгледаме. Кој и да го почне утрешниот натпревар ќе биде подготвен и добро знае што треба да направи на теренот“, заврши Милевски. 

Натпреварот кој ќе се игра утре е со почеток во 18 часот.

Се вчитува...