Милевски: Верувам дека ќе ја оправдаме фаворитската улога и ќе дојдеме до победа!

Македонскиот селектор Благоја Милевски верува дека националниот тим ќе одговори на вистински начин на утрешниот натпревар против Лихтенштајн во Вадуц во квалификациите за СП 2022 и Македонија ќе дојде до посакуваната победа.

Никој во тимот ниту најмалку не сака да го потцени противникот, иако е јасно дека се атакува на трите бода.

„Може да кажам дека сум задоволен од тренинзите изминативе денови, фокусот и залагањето на фудбалерите. Токму поради тоа убеден сум дека фаворитската улога од која не сакаме да избегаме ќе ја оправдаме и на утрешниот натпревар ќе дојдеме до победата. Иако, факт е дека ако сакаме три бода ќе биде неопходна максимална концентрација и ангажман на терен“ – истакна Милевски на прес-конференцијата пред утрешниот дуел.

Околу тактичката определба за утрешниот дуел. Дали во отсуство на Енис Барди, Ердал Ракип ќе добие шанса од првата минута?

„Не би коментирал за тактичките варијанти, но секако имаме опција за соодветниот противник кој на претходните натпревари против Германија, Романија и Ерменија покажа дека воопшто не е тим за потценување“.

Македонија секогаш претходно славела против Лихтенштајн…

„Сега натпреварот ќе биде сосема поразличен. Во денешниот фудбал нема формален натпревар, мора да се истрча на терен и да се одигра максимално добро за да се дојде до победа“ – вели Милевски.

Натпреварот меѓу Лихтенштајн и Македонија утре во Вадуц се игра со почеток од 20:45 часот.

Се вчитува...