Милевски: Вината е моја… И се извинуваме на цела Македонија!

ЕКИПА во Манчестер,

Владимир Булатовиќ

Фудбалската репрезентација на Македонија доживеа вистински дебакл вечерва на „Олд трафорд“, понижена и декласирана од Англија со 7-0 како никогаш досега од ниту еден противник.

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски по мечот и се извини на цела Македонија за дебаклот.

„И се извинувам на цела Македонија од нашето издание и перформанс вечерва. Одговорноста е моја. Цело мое извинување до целата нација и посебно извинување и благодарност до сите оние кои вечерва дојдоа на Олд Трафорд да не поддржат“, изјави Милевски.

Тој дополнува дека и тој и фудбалерите се истите како на мечевите со Италија, Португалија, Германија, но …

„Може да кажам дека играчите се исти оние кои играа со Италија, Португалија, Германија… Јас сум истиот но ете се случуваат вакви работи, за жал, во фудбалот кои никој не ги посакува. Потфрливме сите, почнувајќи од мене па понатаму во сите линии. Потфрливме во се, а одговорноста е само моја затоа што јас го избирам составот, јас одредувам тактика. Факт е дека се соочивме можеби со најсилната селекција во Европа, но факт е дека потфрливме во исполнување на одредени тактички замисли иако јасно е дека по оние први погодоци кои дојдоа поради индивидуални грешки, понатаму се се сруши. Во секој случај пресуди индивидуалниот квалитет на противникот, кој е на едно друго ниво. Нивното издание вечерва е за секоја пофалба.“, дополни Милевски.

Се вчитува...