„Милионерите“ од Салцбург – многу пари, а ЛШ останува пуста желба

Екипата на Салцбург ја има улогата на апсолутен фаворит во претстојниот двомеч против Шкендија, но традицијата вели дека австрискиот првак многу лошо се снаоѓа во оваа улога кога станува збор за квалификациите за елитното европско натпреварување. Салцбург само еднаш има учествувано во Лигата на шампионите, кога во сезоната 1994/95 се најде во група со Милан, Ајакс и со АЕК, и тоа во периодот кога овој клуб не беше финансиски моќен како сега, кога зад него стои гигантот Ред бул.

Оваа компанија на чело со Дитрих Матешиц застана на чело на Салцбург во 2005 година, храбро се најавуваше и сериозен атак на висок пласман во европските натпреварувања, се земаа тренери како Трапатони и Матеус, се фрлија милиони и милиони евра, но не се доби посакуваниот резултат. Наспроти големите соништа, реалноста е сосема поинаква – во овие 13 години австрискиот клуб покрај доминацијата на домашната сцена не обезбеди ниту едно учество во групната фаза од Лигата на шампионите.

Прв пат Салцбург стигна до плејофот за ЛШ во 2009 година, кога беше елиминиран од Макаби Хаифа (1-2, 0-3). Наредната година повторно на патот им застанаа Израелци, овојпат Хапоел Тел Авив. Најголемата срамота Салцбург ја доживеа во 2012 година, кога беше елиминиран од Дуделанж. Потоа следеше и елиминацијаод Малме во 2014, па од Динамо Загреб во 2016 година, за се поголеми фрустрации кај актуелното раководство.

Тоа беше и една од причините поради која поголем дел од вниманието се насочи кон бундеслигашот Лајпциг, но Салцбург со ланскиот пласман во полуфиналето од Лигата на Европа ги насочи погледите кон себе, најавувајќи нов бран на оптимизам. Титулата во Австрија беше освоена, но тоа веќе и не се важи за голем успех, доколку не се обезбеди место во ЛШ. А првата од двете пречки на тој пат на Салцбург е токму Шкендија.

Тетовци потајно се надеваат на сензација, а зошто да не, кога Салцбург знаел да се „лизне“ кога важел и за уште поголем фаворит, со уште помоќен тим од овој сегашниот.

Се вчитува...