Милосављев со бакнеж за Карачиќ: Само тој веруваше во оваа титула

Дејан Милосављев не го криеше задоволството по најголемиот успех во кариерата – освоената круна во Лигата на шампионите. Српскиот голман во микс-зоната од „Ланксес Арена“ му подари бакнеж на МВП-играчот на турнирот, Игор Карачиќ, откривајќи дека хрватскиот бек од самиот почеток на сезоната верувал дека вакво чудо е возможно.

„За мене ова е чудо, до лани го гледав фајналфорот на телевизија, а сега сум европски шампион. Благодарност до сите во Вардар, пред се до тренерот на голманите, Дејан Периќ, кој ги убеди сите дека можам да бидам врвен голман, ме препорача во Вардар, а потоа и ми помогна да бранам на највисоко ниво. Би го издвоил Игор Карачиќ, кој пред првиот натпревар со Монпелје ми даде огромна поддршка, но и ми порача – ќе ја освоиме Лигата на шампионите. Само тој веруваше во ваква разврска уште од септември. Игор цела сезона ми помагаше со совети, ми помогна да напредувам, благодарен сум му за сето она што го направи за мене сезонава“ – истакна Милосављев, кој кариерата ја продолжува во бундеслигашот Фуксе Берлин.

Карачиќ не остана должен за комплиментите што ги доби од српскиот голман.

Цела Македонија и Србија, луѓето кои го следат Вардар можат да бидат горди на ова момче, како и на Дејан Периќ. Не само што е врвен голман, туку и на сите им го докажа она што ние во соблекувалната веќе го знаевме – дека е голем човек, кој сака да добива совети од повозрасните. Му посакувам мнгу среќа во кариерата и верувам дека ќе биде еден од најголемите во светот на својата позиција“ – порача Игор Карачиќ.

Се вчитува...