Јери Мина имаше изненадувачки добар Мундијал откако колумбискиот дефанзивец воопшто не се снајде во Барселона во својата прва година на „Камп ноу“. Тој не крие дека е разочаран како се одвиваа работите за него во таборот на каталонскиот гигант, но открива и од кого ја добивал најголемата поддршка.
„Сакав да играм, а не играв, кога ќе влезев не бев на посакуваното ниво. Лоши работи ми се вртеа низ глава, но тука беа Кутињо и Паулињо, кои цело време ми даваа поддршка, ми велеа дека се ќе се заврши добра. Знам дека Барселона е голем клуб, дека има спектакуларни играчи, но сакав и јас да добијам шанса да покажам дека вредам. Ретко се случуваше, а и кога ќе се случеше, ќе одиграв лошо“ – искрен е Мина.
Тој откри и детали од тренинзите, на кои преоптимистички тргнал да се обложува со Лео Меси и со Луис Суарез во изведување на слободни удари.
„Кога пристигнав, за да бидам подобро примен во тимот, почнав да се обложувам со Меси и со Суарез за слободни удари. Додека се свестив, јас секој ден губев по 50 евра, сега веќе не се обложувам, тие пари ги трошам во супермаркетите. Вистината е дека и тие 50 евра беа вложување, да се гледа како тие чудовишта од играчи од слободен удар ја сместуваат топтката токму онаму каде што сакаат. И Лео и Луис се волшебници со топката, но и прекрасни луѓе“ – истакнува Колумбиецот.
Добрите игри на СП во Русија најверојатно нема да бидат доволни за тој да остане во Барселона, со оглед на фактот дека Барса летово го доведе Ленглет за уште посилна конкуренција во одбранбената линија. За Мина се интересира Лион, како и Евертон и Манчестер јунајтед, па речиси сигурно е дека тој летово ќе си замине од „Камп ноу“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА