Минимален пораз на Работник во дебито во Лигата на шампионите

Во дебитанскиот настап во Лигата на шампионите, ракометниот вицешампион на Македонија, Еурофарм Работник загуби од фаворитот во групата Спортинг Лисабон со 29-30. „Фармацевтите“ иако одиграа одличен меч, во финишот ја загубија силата и не успеаја да ја израдуваат битолската публика.

Натпреварот почна израмнето, играјќи се гол за гол, се до 11. минута, кога Работник за првпат стигна до плус два (6-4). Португалците веднаш возвратија и со серија од 0-3 во 14. минута стигнаа до водство од 6-7. Продолжи да се игра во серија, Португалците направија плус два (8-10), по која следеше одговор од Работник од 5-1 во 24. минута повторно стигнаа до два гола предност (13-11), по која тренерот на гостите Тјери Анти мораше да побара тајм-аут. Спортинг Лисабон повторно врза два гола израмнувајќи го резултатот на 13-13 во 25. минута. До крајот на првиот дел во играта без одбрана подобро се снајдоа „фармацевтите“ кои на полувреме заминаа со минимална предност од 16-15.

Во второто полувреме двете екипи играа гол за гол, недозволувајќи противникот да има поголема предност од еден разлика, се до 43. минута, кога Португалците успеаја да стигнат до плус два (21-23). Продолжи црната серија на „фармацевтите“ кои девет минути беа без гол, а Португалците стигнаа и до најголемите на мечот плус три во (2124). По девет минути без гол, црната серија ја прекина Острушко со својот четврти гол на мечот. Со петиот гол на Украинецот, Работник во 50. минута повторно се приближи на само еден гол негатива (24-25). Како и во првото полувреме, двата тима велгуваа во серија, а Португалците во 53. минута повторно стигнаа до највисоките плус три 24-27. „Фармацевтите“ не се предаваа, а со голот на Шевелев на 30. секунди на мечот стигнаа на само минус еден (28-29). До крајот следуваше по еден гол на двете страни за конечна победа на гостите од 29-30.

Ловро Јотиќ и Владислав Острушко со 5 гола беа најефикасни кај Работник, додека во победничкиот тим се истакна Јонеа кој постигна 10 погодоци. Во следното коло во Лигата на шампионите Работник ќе му гостува на Савехоф, кој во првото коло беше подобар од Татран Прешов.

Се вчитува...