Министерката по спорт бара нови реформи во францускиот фудбал по хаосот во Лион, наскоро се очекуваат санкции како и во Англија?

Француската министерка за спорт Роксана Марасинеану денеска изјави дека тамошниот фудбал има потреба од итна и радикална примена на казнени мерки, по инцидентот на натпреварот меѓу Лион и Марсеј.

Неделниот натпревар беше прекинат по четири минути игра, откако еден од домашните навивачи со пластично шише го погоди играчот на Марсеј, Дмитри Паје, по што му беше укажана лекарска помош на теренот.

„Тоа што се случи во Лион е неприфатливо. Дмитри Паје ја има мојата целосна поддршка. Не можеме да дозволиме играчите да бидат нападнати на овој начин. Ваквите постапки треба да резултираат со барем автоматски прекин на играта”, изјави министерката Марасинеану.

Претставниците на француската лига изјавија дека ваквите инциденти го нарушуваат угледот на лигата, и во земјата и во странство. Во август годинава натпреварот меѓу Ница и Марсеј беше прекинат поради влегувањето на навивачите на теренот, а на Ница потоа и беа одземени два бода, со еден поен условна казна.

На почетокот на оваа сезона навивачите на Монпеље фрлаа факели кон играчите на Марсеј, а во таа прилика играчот на Марсеј, Валентин Рожије се здоби со расекотина на усната. Во текот на сезоната беа забележани уште неколку инциденти на натпреварите од францускиот шампионат. Според француските медиуми, четири лица, меѓу кои и човекот кој фрли шише кон Паје, биле уапсени по натпреварот.

Во пресрет на итниот состанок на дисциплинската комисија од локалната лига, соопштија дека безбедноста на натпреварите е одговорност на клубот домаќин и локалните власти.

Се вчитува...