Министерството за спорт секогаш ќе стои на страната на принципите и на вистинските спортски вредности коишто еден спортист, спортски работник, селектор, спортски директор или секој еден човек кој е директно или индиректно поврзан со спортот, треба да ги промовира. Ако сакаме да имаме поздраво општество треба сите да работиме на тоа, истакна министерот за спорт Борко Ристовски во емисијата „Директно“ на ТВ Телма во која повод беше непримерната прослава на шампионската титула на ФК Вардар.
На темите „Дали омразата и понижувањата стануваат нормален јазик во македонското општество? Каде исчезна границата меѓу навивање и навредување? Дали трибината се само огледало на атмосферата што постои во секојдневната комуникација? Зошто агресијата станува забава, понижувањето начин да се покаже сила? Каква порака испраѓаме до младите?, заедно со министерот Ристовски свое мислење и ставови презентираа претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, НЛП менторката Ирена Христов и универзитетскиот професор Иван Атанасовски.
„Ние како Минисетрство за спорт и ФФМ го осудуваме овој настан за во иднина да не се повтори или да се намалува бројот на ваквите инциденти. А, одговорноста на сите мора да биде уште поголема, особено кога тие претставуваат одредена институција и треба да бидат пример. Прославувањето на секој успех, секоја титула и целата таа еуфорија,треба да биде еден убав гест. Да се надеваме дека во иднина ќе нема или ќе има многу помалку вакви немили сцени“ – посочи Ристовски.
Ривалството на спортските терени е добро да го има, но омразата и поделбите по сите основи може да однесат на погрешен пат и тоа не треба да го дозволиме, беше пораката што ја испратија учесниците во дебатата, упатувајќи уште еднаш јавна осуда за непримерниот начин на кој ФК Вардар ја прослави шампионската титула.
Министерот Ристовски се осврна, меѓу другото, и на саркастичниот начин на наводно извинување на извршниот директор на Вардар, Миленко Неделковски, повторно преку социјалните мрежи со кое само продолжи со навредите, посебно и кон женската популација, но и на прозивките кон него од страна на Недекковски дека не реагирал вака претходно кога беше случајот со Филип Кузмановски.
„Констатацијата негова дека ние не сме реагирале за претходни случаи е апсолутно погрешна. Не правиме разлика. Со самата таква изјава се инсуира дека јас сум навивач на Пелистер, а не довчерашен играч на Вардар и екс-репрезентативец. Кога некој човек во поизминати години не чувствува доволно доблест да се извини за направената грешка, тоа повеќе не е проблем на општеството туку личен проблем. По тој основ, немам што да додадам, освен дека Министерството за спорт секогаш ќе стои на принципите и вистинските спортски вредности кои што секој поврзан со спортот, треба да ги промовира“ – рече Борко Ристовски.
Како што е познато, Неделковски беше првиот кој го сподели видеото од скандалозната прослава на социјалните мрежи, кое потоа ги избриша.
Министерот се осврна и на вклученоста на селекторот Гоце Седлоски и неколку репрезентативци на Македонија во прославата, иако ги имаше и оние кои, објективно потенцирано, не ги пееја навредливите песни.
„Знам добро за спортскиот дух кој во себе го носат сите спортисти, кои секако може и да погрешат. Очекувам Седлоски да излезе на најавената прес-конференција и јавно да се извини“ – рече министерот Борко Ристовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
