За срамната прослава на фудбалерите на Вардар каде што се скандираа женски имиња и навреди, стигна осуда и од Министерството за спорт, и лично од министерот, Борко Ристовски.
ЕКИПА вчера пишуваше за прославата на „црвено-црните“ по победата во Струга, кога ја славеа титулата, и пееја против трета страна, која не беше засегната во случајот.
Интересно е што видеото поставено од извршниот директор Миленко Неделковски „мистериозно исчезна“ од неговиот профил на социјалните мрежи.
Од Министерството за спорт истакнаа дека го разбираат ривалството меѓу тимовите, но и дека не треба да се заборави дека спортот се игра за публиката.
„Во однос на синоќешните видеоснимки кои се појавија од прославата на ФК Вардар, како Министерство, но и од мое лично име како Министер за спорт, сакаме да ја известиме македонската јавност дека недвосмислено го осудуваме ваквиот тип прослави, кои вклучуваат навреди по која било основа, особено доколку во нив се вклучени спортски работници, играчи, селектори и лица од јавниот живот.
Слични случувања имаше и минатата недела во Кавадарци, со политички конотации и навреди кон спортски институции, меѓу кои и ФФМ, а истото сега повторно се повторува.
Министерството за спорт најостро ги осудува ваквите провокации и јавно бара чинителите да и се извинат на македонската јавност. Воедно апелираме вакви случувања во иднина да не се повторуваат, затоа што Министерството за спорт ќе изнајде начин секој ваков настан соодветно да биде санкциониран.
Ги разбираме ривалствата меѓу екипите, но не треба да се заборави дека спортот се игра за публиката и дека сите чинители имаат одговорност кон јавноста и општеството“, велат од министерството за спорт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
