Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски ќе добие нов тренер, по денешниот отказ за Бери Робсон од клупата на шкотски Абердин.
По лошите резултати на тимот, поразот од Хартс и синоќешното неочекувано реми со Данди јунајтед, раководството на Абердин се одлучи да му врачи отказ на Робсон кој на челот на Абердин е една година.
„Иако ова беше тешка одлука бордот сметаше дека промената е неопходна и во најдобар интерес на Абердин“ – информираше претседателот на клубот, Дејв Кормак притоа дополнувајќи за причините за отказот.
„Бери го заслужи правото да биде менаџер на Абердин и знаеше за високото ниво на очекувања што ги имавме кога ја презеде улогата. На Бери му дадовме онолку време и поддршка колку што можевме со надеж и очекување дека ќе не врати во формата на тимот од пролетта минатата година. Клубот има квалитетен тим поради што нашата моментална позиција во лигата е неприфатлива. Со 17 преостанати натпревари во лигата и уште во Купот на Шкотска, оваа промена е неопходна за да ни помогне повторно да се фокусираме на нашите амбиции за остатокот од сезоната. Важно е да му се заблагодариме на Бери за неговиот значаен придонес во Абердин како играч, тренер и менаџер. Тој е добар човек кој работеше исклучително напорно, му благодариме за сè што направи за нас, и се подразбира дека му посакуваме се најдобро во иднина“.
Сега привремено, како што информираа од клубот, тимот ќе го води еден од тренерите на првиот тим Питер Левен, а помогнат од Скот Андерсон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА