Миовски најави трансфер: Под договор сум со Абердин, но никој не знае што носи иднината…

Бојан Миовски игра уште една извонредна сезона во дресот на Абердин, што овозможи цената на македонскиот голгетер на фудбалскиот пазар дополнително да се зголеми.

Сумата од пет милиони фунти што Абердин ја бараше во зимскиот преоден рок беше пречка за Саутемптон, Селтик и за Глазгов Ренџерс, но челниците на овој клуб се убедени дека летово ќе успеат да најдат купец што ќе ја плати бараната отштета. Миовски секогаш покажуваше лојалност во изјавите, но македонскиот напаѓач во денешната изјава за првпат ја остави отворена вратата за заминување од Абердин.

„Никој не знае што носи иднината. Во моментов јас сум под договор со Абердин, имам уште две години од договорот, но во светот на фудбалот ништо не е сигурно. Во Абердин сум сега, каде ќе бидам следната година не можам да знам. На сите им е јасно дека го сакам клубот, не знаев многу за Шкотска пред да дојдам овде но луѓето ме прифатија со раширени раце и засекогаш ќе им бидам благодарен“, прокоментира Миовски.

Абердин е во серија од 10 меча без победа во лигата, додека Миовски е без постигнат погодок на последните пет натпревари, што придонесе неговиот тим да падне на десеттото место на табелата.

„Индивидуално ова ми е најдобра сезона во кариерата, но сакам да помогнам тимот што поскоро да почне да бележи подобри резултати. Многу работи одат против нас, но мораме да останеме сплотени, да работиме колективно и дефинитивно – ни треба поддршка од навивачите во овие тешки моменти“, порача Бојан Миовски.

Се вчитува...