Бојан Миовски постигна гол за Абердин на полуфиналето од ФА Купот против Селтик, уште еден во низата погодоци што македонскиот ас ги постигнува во дуелите со најголемите шкотски клубови.
Абердин беше елиминиран на пенали, а Миовски и по мечот остана во фокусот на шкотската јавност, овојпат со својот избор на облека. Имено, Македонецот реши по натпреварот да прошета низ Глазгов, објави и фотографија, а веднаш во очи падна изборот на бои – Бојан на себе имаше бели панталони и зелена јакна.
Тоа беше сосема доволно за фановите на Селтик да почнат со „флертување“ и јавни повици до Миовски летово да стане дел од нивниот.
„Зелено ти стои убаво, се гледаме летово“, напиша еден навивач, на што друг се надоврза: Убави бои, Бојан, а трет порача: Само прашање на време е кога ќе ги носиш овие бои и на теренот.
Селтик во последните 12 месеци будно ја следи формата на Македонецот, кој веќе има 24 гола за Абердин во сите натпреварувања. Сумата од пет милиони фунти беше пречка за трансферот да се реализира во јануари, но Миовски веќе докажа дека навистина вреди да биде рекорден трансфер меѓу два шкотски клуба, па според последните информации Селтик е подготвен да ја плати оваа отштета за на почетокот од летово да го осигура доаѓањето на овој одличен голгетер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА