Македонските репрезентативци синоќа во хотелот „Хилтон“ во Скопје го означија првиот собир пред историскиот натпревар со Италија во полуфиналниот бараж за пласман на Мундијалот во Катар.
Меѓу првите кои се приклучија на собирот на Благоја Милевски е и офанзивецот на унгарски МТК, Бојан Миовски кој не го криеше задоволството но и возбудата што е повторно меѓу соиграчите од националниот тим.
„Секогаш се радувам на секој собир на репрезентацијата. А, ова е навистина посебен момент за сите нас и сигурно со огромна возбуда ги очекуваме и првите тренинзи а и самиот натпревар со Италија“ – ни изјави низ смеа Миовски на синоќешниот собир, кој вели дека Македонија нема што да загуби од пресметката во Палермо.
„Не треба посебно да се нагласува дека актуелниот европски шампион Италија е секако фаворит против нас. Но, ова е еден меч од кој сите ние знаеме дека нема што да загубиме. Тоа ќе биде меч во кој секој од нас повиканите, без разлика дали ќе игра или не, мора да ја даде својата позитивна енергија за да успееме сите заедно. Единството, мотивацијата и апсолутната енергија на секој поединец, и на оние кои ќе добијат шанса да играат но и на сите останати, ќе бидат од посебно значење да се обидеме да ја израдуваме Македонија затоа што знаеме дека има потенцијал во оваа репрезентација за уште многу успеси“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА