Миовски: Спиев во соба со глувци само за да можам да играм во ЛШ

Еден од најдобрите македонски фудбалери, Бојан Миовски во интервју за српскиот „Моцартспорт“ зборуваше за својот пат до Абердин и тоа колку бил тежок стартот на неговата кариера.

Тој откако не бил во плановите на Работнички, заминал во Карабах со кој играл во младинската Лига на шампиони против тимови како Челси, Рома и Атлетико Мадрид.

„Ги минав летните подготовки со Работнички, но не бев во плановите на тренерот. Тогаш добив понуда од Борче Христов кој беше координатор во Карабах. Заедно со Оливер Стоименовски од Работнички заминавме на шестмесечна позајмица за да играме во младинската Лига на шампиони. Мислев дека сè ќе биде убаво, ама кога дојдов бев разочаран. Во собата во која што спиев имаше глувци под креветот. Тоа ми беа најтешките моменти во животот, но морав да издржам бидејќи во ЛШ играв против Атлетико, Рома и Челзи. Не можев да спијам одбројував денови до враќањето дома“, вели Миовски. 

Тој говореше и за својот престој во Абердин каде прерасна во можеби најдобриот напаѓач во шкотскиот шампионат…

„Во Абердин ја играм најдобрата сезона во кариерата и уживам во фудбалот. Ми се допаѓа Шкотска, има голема страст кон спортот. Луѓето го сакаат клубот, секаде се со нас. Абердин е меѓу најдобрите клубови во оваа земја. Станува збор за историски клуб, само погледнете дека имаат европски трофеј освоен по победа во финале против големиот Реал Мадрид. Ме радува фактот што сум поврзуван со клубови како Селтик, Ренџерс, Саутемптон. Тоа значи дека напредувам. Имам уште две години од договорот со Абердин, фокусиран сум на овој клуб. Сакам пак да избориме место во Европа, а што ќе донесе иднината не знам. Фокусиран сум на Абердин и целам на тоа да бидам подобар“, заврши Миовски. 

Се вчитува...