Миовски во фокусот: Сакам да бидам меѓу Топ 3 голгетери во Шкотска

Бојан Миовски се најде во центарот на вниманието на шкотската фудбалска јавност во пресрет на стартот на новата сезона, откако Македонецот имаше одлично деби за Абердин, со гол и асистенција на куп-дуелот со Реит роверс.

Македонскиот репрезентативец е задоволен од она што го прикажа, особено ако се земе во предвид дека одржа само два тренинзи со новите соиграчи поради одолговлекувањето при добивањето на работната дозвола.

„Не беше лесно, чувствував дека нозете ми се тешки бидејќи не сум максимално подготвен на физички план, но радост што успеав да постигнам гол беше огромна. Благодарност до соиграчите, не само што ми дозволија да го изведам пеналот, туку и за целокупната поддршка од моето доаѓање овде. Секој напаѓач сака да биде број 1 во лигата каде што игра, моја желба е да станам еден од тројцата најдобри голгетери во шкотската Премиер-лига“, вели Миовски.

Абердин ќе има огромен предизвик на стартот од новата сезона, ако се знае дека тимот на Миовски во првото коло ќе се сретне со Селтик.

„Не се сомневам дека и кога ќе играме со Селтик ќе ја наметнеме нашата игра, ќе се обидеме да создадеме што повеќе шанси и да го победиме противникот“, оптимист е македонскиот голгетер.

Се вчитува...