Миовски за ЕКИПА: Жал ми е што не сум во Манчестер, но силно верувам дека може да ја изненадиме Англија!

ЕКИПА во Манчестер,

Владимир Булатовиќ

Македонската репрезентација и тоа како го чувствува недостатокот на Бојан Миевски на јунскиот собир од квалификациите за Европското првенство 2024 во Германија. Сето тоа повеќе од очигледно и на натпреварот со Украинците во Скопје, во моментите токму кога на вистински начин на терен треба да се одржува квалитативниот континуитет.

Миовски сигурно ќе недостасува и вечерва на „Олд Трафорд“ во Манчестер против Англичаните. Тоа, и тоа како, добро го знаат и медиумите од Велика Британија кои го потенцираат отсуството на единствениот македонски репрезентативец кој во моментов игра на Островот.

„Миовски уште во првата година од доаѓањето во Абердин покажа дека го чувствува островскиот фудбал. Извонредно гол-чувство, одлична перцепција за игра, секогаш опасна офанзива. Добро е што тоа ќе го нема Македонија на мечот со Англија“ – пишува „Дејли мејл“.

А, дека Миовски го почитува, чувствува и преферира островскиот фудбал потврди и самиот набрзо по доаѓањето во Абердин истакнувајќи дека и тоа како се гледа во некоја блиска иднина и во Премиерлигата.

„Сигурно моја желба и цел во кариерата е настап во една од Топ 5 лигите во Европа. Премиерлигата сигурно е огромен предизвик за секој фудбалер, јасно е дека ми годи одредениот интерес од англиските премиерлигаши“ – ќе рече Миовски.

Миовски, опоравувајќи се од повредата која го оддалечи од јунскиот репрезентативен настап, мечот на неговите репрезентативни соиграчи со Англија ќе го гледа од Македонија, но како што вели за ЕКИПА, со сите свои мисли и срце ќе биде на „Олд Трафорд“ заедно со Елиф, Стефан, Енис, Џани, Нестор, Аријан…

„Многу добро знам дека Островјаните максимално сериозно му пристапуваат на натпреварот затоа што, ми се чини, знаат дека нас и тоа како ни одговара начинот на игра на Англичаните. Тоа сме го покажале многупати во минатото. Од друга страна знам дека ниту најмалку желба и мотив нема да недостасува кај соиграчите во вистинско светло да се покажат на ‘Олд Трафорд’. Без разлика на оној трагичен пораз од Украина, 100% знам дека носат огромна енергија за докажување. Впрочем, ова е момент за промоција на фудбалот во Македонија во кој ништо не може да загубиме“ – вели Миовски за ЕКИПА, притоа дополнувајќи:

„Навистина премногу ми е жал што не сум со репрезентацијата. Како и секој од нас, долго ги очекував овие натпревари затоа што настапот во националниот дрес е секогаш голем предизвик за мене. Во овој период, ми се чини, создадовме меѓусебна нескриена хемија која треба да биде водилка низ актуелните квалификации. Силно верувам во секој од репрезентативците дека ќе успеат да ја изненадиме Англија. Нека биде денеска ден за уште еден силен оддек на името Македонија во светскиот фудбал“.

Се вчитува...