Мираковски: Добро е што најдовме алтернатива во нападот

Работнички стигна до втората победа во АБА2 лигата откако славеше над Ловќен со 82-77 во натпревар во кој тимот од „Градски Парк“ го диктираше темпото во поголемиот дел од натпреварот. Шутот за три поени не го служеше македонскиот состав во првото полувреме, меѓутоа избраниците на Димитар Мираковски одиграа во добро темпо пред се во одбраната и ја одржуваа преднсота.

„Играчите влегоа на натпреварот мислејќи дека исто како на претходната средба ќе се расшутираме со тројки и ќе биде 15, 20 разлика, меѓутоа секој натпревар е различна приказна за себе. Доколку не гаѓаме тројки мораме да најдеме нов начин на играње, како да ја спуштаме доле топката, како да ја движиме подобро. Кога го разбраа тоа играчите, почна полесно да оди топката и добивме повеќе опции во напад“ – изјави по натпреварот Димитар Мираковски.

Скопскиот состав во своите редови има многу искусни играчи, меѓутоа фали свежина од клупата со која би се искоренил падот во играта, кој доаѓа во второто полувреме.

„Се виде недостаток на енергија кај двете екипи, имаше многу грешки, но мора да го сфатиме тоа ние тренерите дека тоа е ритамот на играње, на секој втор ден. Немавме ни 40 часа од последниот натпревар и беше навистина тешко. Најдобро е да одмориме добро, повторно главните играчи имаат преголема минутажа, над 30 минути, иако не беше таков планот, меѓутоа сега имаме малку повеќе одмор, играме дури во понеделник – додаде тренерот на Работнички.

Последниот натпревар на „балонот“ во Златибор, Работнички ќе го одигра в понеделник, против составот на Младост кој во досегашниот дел од натпреварувањето е на скор 1-2, а се соочи и со проблеми предизвикани од коронавирусот.

„Младост е брза, „полетна“ екипа, наметнуваат висок ритам на игра и ќе мораме да внимаваме“ – заврши македонскиот стратег.

Се вчитува...