Мираковски ги најде виновниците: Две катастрофални грешки на најискусните

Димитар Мираковски претрпе уште еден пораз во АБА2-лигата, овојпат во македонската пресметка против МЗТ Скопје. Работнички имаше „плус четири“ и контранапад на помалку од две минути до крајот, но „центарци“ потфрлија кога беше најважно, а Мираковски не го криеше разочарувањето што грешките во клучните моменти ги направија најискусните кошаркари.

„Многу вакви натпревари имаме одиграно против МЗТ Скопје, секогаш на овие дерби средби има некоја посебна енергија. Ние одигравме прилично лошо во голем дел од мечот. Се баравме себеси, не можевме да влеземе во посакуваниот ритам, дадовме се од себе. Бевме упорни, со една комбинирана одбрана и зона успеавме да се вратиме и да поведеме. Сепак, на крајот, најискусните играчи направија две катастрофални грешки, промашен зицер на „плус четири“, а потоа и чекори на капитенот, што се покажа пресудно за да го загубиме овој натпревар. И покрај петте фаули на Бундовиќ се вративме, но немавме сили за триумф“, истакна Мираковски.

Работнички во следното коло од овој „балон“ во Сараево в петок во 16 часот ќе се сретне со тимот на Сутјеска.

Се вчитува...