Мираковски: Работнички не зависи од еден играч, ќе се снајде и без мене

Работнички поведе со 1-0 во финалната серија против МЗТ Скопје, но црна дамка врз тој триумф остави повредата на Димитар Мираковски. Капитенот на „центарци“ го скина мускулот на ногата и дефинитивно нема да може да се врати на теренит до крајот на финалето, но сепак е оптимист дека соиграчите и без негова помош можат да стигнат до посакуваната титула.

„Индивидуално гледано, големо е разочарувањето што нема да можам да помогнам до крајот на оваа финална серија. Во последните неколку сезони, по оние тешки операции, имав среќа повредите да не ми создаваат проблеми, но еве сега, токму во првото полувреме од првиот финален меч го скинав мускулот и ќе морам од клупата да го следам остатокот. Нема да биде лесно, но тука сум за соиграчите, кога веќе не можам од теренот, барем од клупата со совети и поддршка да им помогнам да стигнат до посакуваната победа“ – истакнува Мираковски во разговор за ЕКИПА.

Тој е оптимист дека „црвено-белите“ ќе соберат сили и без негова помош да слават во оваа финална серија и по долго време да ја вратат титулата назад во „Градски парк“.

Работнички е така составен тим за да не зависи од само еден играч, затоа сум оптимист дека ќе продолжи да победува и без моја помош. Навистина, имавме проблем во финалето на Купот на Македонија без Гинјард, но оттогаш доведовме неколку квалитетни засилувања, се со цел токму ако се случи некоја ваква непланирана повреда тоа да не биде преголем удар за екипата. За време на првиот меч се слушаа и довикувања „Титула за Мите“, благодарам поради тоа, но овде станува збор за тимот, а желба на сите нас е титулата да ја освои Работнички, тоа е она за што напорно работевме цела сезона“ – вели капитенот на Работнички.

Договорот што Мираковски го има со Работнички истекува на крајот од сезонава, а одличниот плејмејкер засега не размислува премногу за иднината.

Да бидам искрен, мислите во изминатиот период целосно ми беа насочени на плејофот, а ниту повредата не го промени тоа. Сакам да помогнам на секој можен начин да стигнеме до таа толку посакувана титула, а потоа во текот на летото ќе имам доволно време да размислам за иднината, каде би ја продолжил својата кариера“ – порачува Димитар Мираковски.

Се вчитува...