Мирковски: Ќе играме подобро, за нови радости во Куманово

Шефот на стручниот штаб на Куманово, Владимир Мирковски, е задоволен од триумфот на својот тим на денешниот дуел со ТФТ во рамките од БИБЛ-лигата.

„Сакам да им честитам на моите кошаркари за изданието, воопшто не беше лесно да се игра натпревар по толкава пауза од речиси осум месеци. Одигравме добар натпревар, во вториот дел дојде до пад во играта, но севкупно гледано мислам дека ја заслуживме победата. Резултатот е важен за самодовербата, иако најважно од се е што се вративме на терен и конечно одигравме нов натпревар. Во наредниот период ќе ги корегираме грешките, знам дека можеме да играме уште подобро и да им донесеме радост на сите во градот Куманово“, изјави Мирковски по натпреварот.

Дополнителен проблем за кумановци е повредата на Стеван Глигоријевиќ, откако крилниот центар беше најзабележителен на почетокот од натпреварот.

„Според првите информации станува збор за дисторзија на прстот. Ќе ги почекаме утрешните детални прегледи, се надевам дека повредата не е премногу сериозна бидејќи Глигоријевиќ е важен играч за нашиот тим“, вели стратегот на кумановци.

Се вчитува...