Миркуловски: Чесите се поквалитетни, нема да ни биде лесно како со Романија

Филип Миркуловски ги игра последните натпревари во репрезентативниот дрес пред завршувањето на одличната кариера, а големиот борец има пред себе уште една цел – да помогне Македонија да се пласира на СП 2023.

Тој во изминатите години одигра бројни натпревари против Чешка и е свесен дека тежината на предизвикот на претстојниот двомеч е далеку поголема од онаа во претходната рунда против Романија.

„Романија ја поминавме релативно лесно, не очекувавме дека биде така, но според мене одигравме два добри натпревари, особено тој во Скопје. Чешка е добро познат противник за нас, многу пати сме се среќавале во квалификациите за Европските првенства. Станува збор за поквалитетна репрезентација од Романија, но исто како против нив, така и со Чешка шансите се 50-50. Вториот натпревар го играме на домашен терен, според мене е подобра варијанта“, истакна Миркуловски.

Искусниот бек се осврна и на квалитетите на противникот, кој нема звучни имиња како во претходните години, но сепак игра на високо ниво.

„Се работи за стабилна екипа со ракометари кои играат во Првата и Втората германска лига, Имаат добра прва бековска линија, нивниот лев бек игра одлично во Германија во Втората лига. Кашпарек добро го знаеме сите, Бабак игра во Бундес-лигата, па првата постава им е одлична, но ротацијата им е послаба. Мораме да внимаваме на нивните бекови, секако имаат и добар голман. Немаме видео-снимки од она што го играат, сепак станува збор за шпански систем, кој пак на Киро му е добро познат. Ќе се подготвиме најдобро, очекувам победа и пласман на Светското првенство“, прокоментира Филип Миркуловски.

Се вчитува...