Миркуловски добар, но Вецлар испушти триумф над лидерот Магдебург

Филип Миркуловски и Вецлар не успеаја да приредат изненадување на денешниот бундеслигашки дуел со лидерот Магдебург, по голема битка губејќи од првопласираниот тим на табелата со резултат 26-29. Вецлар беше подобар тим во првото полувреме, но домаќините не успеаја да го издржат темпото до самиот крај, па Магдебург со пресврт во вторите 30 минути стигна до триумф.

Домаќините тргнаа фуриозно, на почетокот поведоа со 6-2, одржувајќи ја предноста меѓу три и четири гола и на одмор заминувајќи со 15-12. Миркуловски и соиграчите имаа 18-14 на стартот од второто полувреме, но Магдебург одговори со серија од четири гола со која гостите си ја зголемија самодовербата, па до крајот на мечот стигнаа и до победата. Македонскиот репрезентативец одигра сосема солиден меч, користејќи ја минутажата за постигнување на два гола од исто толку обиди, надополнети со една асистенција.

Миркуловски веднаш по мечот тргнува на пат кон Скопје, каде од утре ќе се приклучи на подготовките на македонската репрезентација за претстојниот бараж дуел со Чешка за пласман на СП 2023.

 

Се вчитува...