Миркуловски: Изгледавме перфектно и направивме чудо, Алборг нека биде шанса за младите ракометари

Македонската ракометна репрезентација приреди чудо во Скопје со триумф над светскиот и олимписки шампион Данска, со што „црвено-жолтите“ успеаја да го осигураат место на престојното Европско првенство.

На вчерашниот меч, Македонија настапи во право светло, а на оваа средба ја имаше помоштта и од повратникот во репрезентацијата, Филип Миркуловски кој пред денешниот тренинг не го криеше задоволството од историската победа.

„Одамна не сум победил селекција од најдобрите три во светот и посебно ми е драго. Сите се надевавме на чудо, одигравме максимално зрели и тактички спремно. Сите знаеја каде треба да чуваат и каде да напаѓаат, така да само треба да продолжиме во овој ритам и да бележиме нови победи. Помладите ни помагаа во минатото, сега ние сме тука да им помогнеме. Тие се тие кои треба да преземат во наредните години и да ја имаат лидерската улога. Мислам тука на Талески, Велковски и Кузмановски како бековска тројка. Одиграа зрело, почнаа и отворија супер, ние им помогнавме и беше одлични. Можеби Данска нè потцени, но ние изгледавме перфектно. Во одбрана ги затворивме сите нивни акции и игри „еден на еден“. Потоа на противникот му беше тешко да се врати, ние ја презедовме играта и го диктиравме темпото во текот на целиот натпревар“ – изјави Миркуловски.

37-годишниот среден бек е свесен за малиот период за одмор, па вели дека ова е вистинско време за младите ракометари кои ќе бидат предводници на репрезентацијата во иднина да соберат искуство против силниот протиник.

„Ние го направивме чудото, но одиме во Данска пак да се прикажеме во фино светло и да одиграме коректен натпревар. Овој натпревар треба да биде нова шанса за младите ракометари, па ако ни се отвори како во Скопје, зошто пак да не извлечеме поволен резултат. Одамна не сум одиграл толку голема минутажа во двата правци, така да малку ми е потешко и затоа се откажав од тој силен ритам. Сигурно ќе добијам нешто помала минутажа отколку на првиот натпревар“ – додаде искусниот играч.

Се вчитува...