Миркуловски: Многу ќе ни значи полна сала, Романците се посилни од пред четири години

Филип Миркуловски и пред самиот крај на кариерата е тука за да и помогне на македонската репрезентација, па искусниот бек на Вецлар ќе биде значаен адут на селекторот Лазаров во битките со Романија во баражот за СП 2023.

Миркуловски во црвено-жолтиот дрес ги елиминираше Романците во баражот одиган во 2018 година, но искусниот ракометар предупредува дека овојпат задачата пред нашите ракометари ќе биде многу посериозна. Сепак, според него многу важно е што на трибините ќе има навивачи, со што македонските репрезентативци ќе добијат огромна поддршка од верните фанови.

„Одлична вест е што ќе играме пред полна сала по две и пол години. Искрено се надевам на полна сала, особено по она што се случи на последното ЕП, сите сакаме да покажеме дека сме подобри од она што го прикажавме во Дебрецин. Се надевам на успех во двомечот со Романците, па потоа дека баражите со Чешка ќе бидат последни за мене и за Кире Лазаров. Постои притисок, но верувам дека сме доволно искусни, сите сакаме победа и верувам дека ќе успееме во тоа. Во 2018 година релативно лесно ја минавме Романија, но сега ќе биде многу потешко бидејќи тие се напреднати, сакаат машкиот ракомет да излезе од сенката на женскиот, па одат напред под водство на елитен стратег каков што е Чави Пасквал“, истакна Миркуловски.

Се вчитува...