Миркуловски: Пресреќен сум што сум тука, моја задача ќе биде и мотивација на младите – како се игра за Македонија

Еден од најдобрите македонски ракометари во историјата, Филип Миркуловски повеќе од мотивиран повторно е во македонската репрезентација, со нешто слична задача како и во германски Вецлар, тренер и играч, сега и како помошник на новиот македонски селектор Кирил Лазаров.

Сопствената мотивираност вели ќе ја насочи и кон младите ракометари кои полека треба да се навикнат како се игра во победничкиот дрес со победнички репрезентативен менталитет.

„Навистина се чувствувам прекрасно што сум повторно во репрезентацијата. Направив пауза во репрезентацијата, имав проблеми на физички план, но сега сум добар и силно мотивиран, со нов селектор. Како помошник на Лазаров и играч подготвени сме да внесеме силен мотив кај младите играчи, да разберат вистински како е да се игра во македонскиот дрес. Не очекува дуел со Данска кој е светски првак, и можеби е добро што нашето деби како стручен штаб ќе биде токму против ваков силен противник. Атмосферата е одлична, не сме оптоварени со резултат, сакаме да прикажеме добра игра, да изгледаме подобро на терен и со максимален ангажман да дојдеме и до добар резултат“ – вели Миркуловски.

Македонија првиот натпревар против Данска го игра во четврток (11. март) во А1 арената во СЦ „Борис Трајковски“ од 20 часот. Вториот натпревар е на гостински терен на 14. март.

Се вчитува...