Миркуловски: Пријателите од репрезентацијата ќе ги имам за цел живот, останува тагата за ОИ

Филип Миркуловски беше емотивен на прес-конференцијата по натпреварот со Чешка, негов последен во блескавата репрезентативна кариера на овој одличен ракометар.

„Честитки за Чешка, покажаа дека знаат да играат и на овој жежок терен. Знаевме колку ќе биде тешко, но успеавме, бодрени од овие 7.000 навивачи да стигнеме до победата. И покрај проблемите што ги имаше Лазаров со повредата на лакотот, тој мина малку време на теренот, но морам да го пофалам Јагуриновски, кој беше одлична замена. Пресреќен сум што со оваа победа и со пласман на СП ја завршувам мојата репрезентативна кариера. Со задоволство ја прифатив поканата на Кире кога ми се јави, бидејќи знам дека секој почеток е тежок и колку што можам, и во иднина ќе продолжам да помагам за репрезентацијата. Со тоа помагаме на цела Македонија“, изјави Филип Миркуловски.

Големиот борец се осврна и на двете децении настапи за македонскиот национален тим.

„Ми беше голема чест што во овие 20 години играв со легенди како Лазаров, Стоилов, Мојсовски, Димовски… Имавме бројни радости, штета што не направивме поголеми работи, да си ја исполниме желбата наречена ОИ, но севкупно гледано сум задоволен од репрезентативната кариера. Сретнав бројни пријатели што го оставале срцето на терен за мене, јас за нив, така што сум горд на сите тие моменти“, истакна Миркуловски.

Се вчитува...