Миркуловски: Против Чешка ќе биде мојот последен меч, се надевам ќе завршиме со „хепи-енд“

Ракометната репрезентација на Македонија во недела ќе ја пречека Чешка во реванш натпреварот од бараж двомечот за пласман на Светското првенство 2023 година кое ќе се игра во Полска и Шведска.

Првиот натпревар одигран во Злин, заврши без победник 24-24. На овој меч својот последен официјален натпревар во дресот на Македонија ќе го имаат легендите на македонскиот ракомет Кирил Лазаров и Филип Миркуловски.

Миркуловски потврди дека ќе го игра последниот натпревар и се надева дека тој ќе биде крунисан со „хепи-енд“.

„Ова е мојот последен натпревар во репрезентацијата, ќе има доста емоции, но ние сме професионалци. Ќе се обидеме да завршиме со ‘хепи енд’, да победиме во недела и да се пласираме на Светското првенство“, вели Миркуловски.

За натпреварот тој вели…

„Мислам дека за овој втор натпревар ќе бидеме подобро подготвени, бидејќи немавме гледано натпревари со новиот селектор Сабате, па сега ќе знаеме што точно нè очекува. Одигрвме еден сосема добар натпревар во Чешка. Испуштивме 6-7 голови предност, тоа не смееше да ни се случи, но противникот покажа карактер. Знаеме дека се работи за квалитетна репрезентација, знаеме што нè очекува тука во недела и со помош на 7.000 навивачи да обезбедиме пласман на Светско првенство“, дополнува Миркуловски.

Околу мечот во Злин вели дека е разочаран што не сме стигнале до победа…

„По натпреварот во Злин секако дека постоеше чувство на разочараност, требаше да го добиеме, но сепак мораме и што побрзо да го заборавиме тоа и во недела да одиграме еден сосема нов натпревар. Потребна ни е само победа, што пред два месеци и ќе го прифатевме. Сепак Чешка е квалитетна репрезентација, сигурно е дека нè очекува квалитетна борба. Како што покажаа на првиот натпревар, ќе се борат до последно. Треба да одиграме уште еден добар натпревар со многу концентрација и да го добиеме во одбраната. Не би требало да има многу изненадувања во однос на претходниот натпревар, бидејќи ќе поминат само неколку денови за подготовка. Ќе биде доста сличен натпревар со цврсти одбрани“, завршува Миркуловски. 

Натпреварот меѓу Македонија и Чешка кој ќе се игра во недела е закажан во 19 часот во СЦ „Борис Трајковски“.

Се вчитува...