Миркуловски: Талески покажа дека е голем играч, заслужува поддршка и кога не му оди најдобро

Филип Миркуловски не го криеше задоволството по остварениот триумф, искажувајќи јавно благодарност до навивачите кои создадоа извонредна атмосфера во текот на целиот меч.

Воедно, големиот борец јасно стави до знаење дека Македонија без опуштање ќе влезе и во реваншот во Букурешт.

„Овој резултат ќе беше невозможен ако ја немавме поддршката на публиката. Имаме добар резултат, водство од осум гола, но мораме да сме претпазливи и да одиграме таму како да е 0-0. И пред четири години имавме слична предност, но за момент си ја искомпликувавме ситуацијата, не смееме да дозволиме такво нешто да ни се случи в сабота. Одличната игра во завршницата денеска ќе ни овозможи со удобна предност да патуваме на реваншот, но тоа нема да донесе опуштање“, истакна Миркуловски.

Тој имаше пофални зборови за Филип Талески, кој со десет гола го одигра најдобриот меч во репрезентативниот дрес.

„Филип Талески денеска покажа дека знае да одигра на едно врвно ниво, не само поради головите што ги даде, туку и поради одбраната. Ние како стручен штаб и како соиграчи сакаме да му дадеме целосна слобода, пресреќни сме што сега го видовме да блесна во сиот свој сјај. Искрено беше убаво да се слушне како цела сала вика „Талески, Талески“ и верувам дека тој заслужува поддршка и кога не му оди најдобро. Како што реков, тој има потенцијал да биде голем играч за нашата репрезентација“, потенцираше Филип Миркуловски.

Се вчитува...