Шпанскиот репрезентативец со црногорско потекло, Никола Миротиќ, покрена хуманитарна акција најавувајќи дека е подготвен да донира по 500 евра за секоја постигната тројка на наредните 20 натпревари во НБА-лигата.
Миротиќ, кој настапува за тимот на Њу Орлеанс, вкупната сума ќе ја донира на семејството Варга кое живее во Вуковар.
„Во пресрет на Божиќните празници сакам да ги израдувам оние на кои помошта им е најпотребна. Токму затоа, за секоја тројка што ќе ја погодам ќе донирам по 500 евра, за помош на самохраниот татко Радослав, кој самиот се грижи за шест деца. Нека им е на сите благословен почетокот на постот и претстојните празници“ – напиша Миротиќ на својот инстаграм-профил.
Миротиќ во просек постигнува по 2,7 тројки по натпревар сезонава, па доколку продолжи во ист ритам дефинитивно ќе донесе многу радост на ова семејство кое се наоѓа во незавидна финансиска состојба.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА