Мишевски: Подготвени сме за стартот на Европското првенство

Ракометната репрезентација на Македонија ги привршува подготовките за настапот на Европското првенство во Унгарија и Словачка. „Црвено-жолтите“ се наоѓаат во групата А која ќе се игра во унгарски Дебрецин каде за противници ќе ги имаме репрезентациите на Словенија, Црна Гора и Данска.

Репрезентативниот бек, Марко Мишевски вели дека доста работеле во подготвителниот период и дека се подготвени за Еврошампионатот.

„Во овие последните неколку тренинзи работиме на сите ситни детали на нашата игра. Ја консолидираме одбраната, а секако работевме и на нападот. Тактички и физички сме подготвени, ги анализиравме сите наши ривали и во овие неколку дена ќе ги одработиме максимално сите зададени задачи од селекторот. Подготвени сме за стартот на Европското првенство.

Што се однесува до ривалите во нашата група, имаме одиграно доста натпревари со Словенија. Ги познаваме добро, тоа е селекција која има квалитетни играчи, кои играат главна улога во своите клубови во Лигата на шампиони. Исклучително силна репрезентација, можеби тие се фаворити, но ние секако дека се надеваме на позитивен резултат, бидејќи имаме свои адути, а секако и квалитет.

Црна Гора исто така е квалитетна екипа. Тој двојбој во 2.коло ќе биде важен и за двете екипи, секако дека нема да ги потцениме. Ние ќе играме максимално на сите три натпревари во групата па така ќе биде и на оваа средба. Данска е светски шампион и можеби фаворит и за европскиот трон. Ние ги изненадивме во Скопје во квалификациите за ова Европско првенство. Мораме да веруваме во себе и овој пат“, изјави Мишевски. 

Прв противник на Македонија ќе биде репрезентацијата на Словенија со која се среќаваме на 13. јануари со почеток во 18 часот.

Се вчитува...