Митев: Чест и гордост е да бидеш дел од македонската репрезентација

Македонската ракометна репрезентација во Маврово се подготвува за предизвикот наречен Европско првенство 2022 на кое „црвено-жолтите“ ќе настапат со неколку искусни играчи, но и подмладен тим со оглед на тоа што на поширокиот список се најдоа и неколку перспективни младински репрезентативци.

Еден од овие вторите е Марко Митев, ракометарот на Бутел кој настапите во младинските категории сега се бори за место во сениорската репрезентација.

„Огромна чест и гордост е да се биде дел од најдоброто од ракометна Македонија. Сметам дека тоа го посакува и кон тоа се стреми секој кој решил да му се посвети на ракометот. Да се биде дел од националниот тим и да се бранат боите на Македонија е исклучителна гордост и сон на секој спортист. Тоа што сум сега овде на 18 години ме прави да бидам не само горд Македонец туку претставува и мотив плус за уште повеќе да работам на себе, да учам од поискусните и секако да дадам се од себе да одговорам на задачите најдобро што можам. На овие подготовки ја имам токму таа можност. Ние овде сме како едно семејство. Напорно работиме и сите имаме иста цел- успех на нашата ракометна репрезентација. Условите за работа во Маврово се фантастични за што е заслужна нашата федерација.

Ако се најдам на финалниот список на патници за ЕП за мене тоа ќе биде почеток на остварување на мојот животен сон- да го облечам националниот дрес и да ги бранам боите на Македонија на едно вакво првенство. Знам дека тоа воедно е и огромна одговорност, бидејќи да играш за Македонија значи да бидеш подготвен да ги претставиш својата земја и својот народ во најдобро светло, да се бориш за победа на тимот и да оставиш срце на терен“, вели Митев.

Се вчитува...