Митко Стојковски се потсети на 100. дерби пред четврт век: На победничкиот гол се тресеше „Маракана“

Митко Стојковски во разговор за српскиот „Телеграф“ се потсети на јубилејното 100. вечно дерби меѓу Црвена Звезда и Партизан кое се одигра на денешен ден во 1995 година. Натпреварот заврши со победа од 2-1 на „црвено-белите“, а херој беше токму Стојковски кој беше стрелец на еден гол, а над него беше направен и пенал.

„Тоа беше натпревар кој ја одбележа мојата кариера. Јас играв како одбранбен фудбалер, но се покажа дека на тој натпревар Љупко Петровиќ направи одлична работа што ме стави да играм малку понапред. Луѓето и ден денес ме помнат по тој натпревар, без разлика што одиграв повеќе од 100 натпревари за Звезда. Не се помни ништо што направив во одбраната на сите натпревари, се помни тоа што направив во нападот на тој натпревар“, вели Стојковски. 

Тој додава дека по постигнувањето на победничкиот гол имал чувство дека цела северна трибина ќе се урне.

„Откако го постигнав голот се затрчав кон северната трибина. Кога застанав пред неа помислив дека таа ќе се урне. Само видов како сите навивачи одат надолу. Емоција, адреналин… Беше фантастично. По натпреварот цел север го скандираше моето име. Бев прогласен за фудбалер на натпреварот и по мечот добив пехар кој и ден денес го чувам во мојот дом“, додава Митковски. 

Тој од 2008 година е надвор од фудбалот и сега се занимава со сосема друга професија.

„Во моментов не сум во фудбалот. Во 2000. година завршив со ангажманот во Штутгарт, па се вратив година дена во Пелистер. Рано ја завршив кариерата на мои негде 27/28 години. Имав две операции на коленото. Бев тренер, но видов дека тоа не е работа за мене. Многу стрес и нервози. Три години бев спортски директор на Пелистер. Сепак, во 2008 година решив да се повлечам од фудбалот. Со мојот поранешен колега Тони Мицевски имаме фирма и се занимаваме со градежништво. Ми недостига фудбалот, го следам редовно, но повеќе не сум дел од него“, заврши Стојковски. 

Се вчитува...