Митрашиновиќ: Ќе дадеме се од себе за победа во Сараево

Македонската женска кошаркарска репрезентација во последниот ФИБА прозорец од квалификациите за Евробаскетот 2023 силите ќе си ги одмери со Босна и Херцеговина и Белгија. Избраничките на Ашаданов немаат шанса за пласман во следната фаза, а во последните два меча ќе ја бараат првата победа.

Капитенката Анџелика Митрашиновиќ е оптимист пред дуелот во Сараево закажан за во четврток со почеток од 20 часот за кој вели дека и покрај некомплетниот ростер „црвено-жолтите“ одат на победа.

„Последен циклус од квалификациите за европското првенство 2023, а старите болки остануваат. И овој циклус го дочекавме некомплетирани, за жал немавме, и немаме среќа да се собереме сите заедно за квалификациите, и макар сега во комплетен состав да се обидеме и на овие последни два натпревари да победиме, макар на еден. Што е тука е, наше е да го завршиме овој квалификациски циклус на најдобар можен начин, па зошто не и со победа?

Шансата ја гледаме во дуелот со Босна и Херцеговина, која за разлика од првиот „прозорец“ е далеку ослабена и подмладена. Но никако не смееме да ги потцениме. Дел од играчите кои беа носители на Европското првенство сеуште се тука, а квалитетот на босанската репрезентација ни е секако добро познат. Иако можеби се подмладени, сепак имаат голем квалитет. Како и да е, се надевам на добра игра и позитивен резултат“, вели Митрашиновиќ.

Се вчитува...