Митревски: Бековите ќе шутнат 30 пати, но треба да ги запреме крилата и пикерот

ЕКИПА во Виена,

Стеван Цаневски

Никола Митревски повторно ќе застане на голот на Македонија на денешниот дуел со Австрија, подготвен за клучниот натпревар од оваа групна фаза.

„Ова е мало финале за нас, спремни сме и свесни за она штпо не очекува. Австријците се домаќини, но квалитативно не се подобри од нас. Се ќе зависи од она што ние ќе го покажеме на терен. Сметам дека ќе пресуди ако одиграме добро во одбраната, бидејќи од цврста одбрана се стартуваат полуконтри, се постигнуваат лесни голови, по што се отежнува зачадата на противникот“, изјави Митревски.

Не е тајна дека играта во напад на Австрија се базира на бековите Билик и Божовиќ, но според нашиот голман клучно ќе биде да се затворат останатите играчи на домашната селекција.

„Добро знаеме за какви играчи станува збор, Божовиќ и Билик ќе шутнат 30 пати без разлика колку ќе погодат, бидејќи едноставно им е дадена толкава слобода од селекторот. Она што за нас е најважно е да ги запреме нивните крила и пивотот, да не дозволиме да влезат во ритам како Вебер против Украина, кога овој крилен ракометар даде осум гола без промашување. Ако успееме во тоа, имаме големи шанси да стигнеме до посакуваниот резултат“, вели Никола Митревски.

Се вчитува...