Митревски: Бевме спремни за секој нивни потег, ќе се обидеме да го повториме истото и во Алборг

Македонската ракометна репрезентација направи сензација со триумфот над светскиот и олимпискиот првак Данска, натпревар на кој беше испишана историја како прва победа против скандинавскиот протиник.

Еден од клучните играчи на натпреварот беше Никола Митревски кој пред денешниот тренинг не го криеше задоволството од пристапот на натпреварот, но и одиграното на теренот.

„Се собравме и неколку дена пред собирот се подготвувавме за да се обидеме да ја изненадиме Данска. Цел свет знае дека се светски и олимписки шампиони и дека во последните дваесетина години се меѓу неприкосновените ракометни велесили кои освојуваат злата. Знаевме дека ќе биде тешко, бевме мотивирани, одигравме беспрекорно. Сите имавме свој дел и задача која требаше да ја исполниме. Дали индивидуално или по позиции сите одговоривме на задачите кои ги добивме од Кире и неговите соработници, кои скоро перфектно си ја завршија својата работа. Го анализиравме противникот и бевме спремни да одговориме на секој нивни потег“ – изјави Митревски.

Нашите најдобри ракометари немаат многу време за одмор бидејќи пред „мисијата Алборг“ е предвиден само еден тренинг, а чуварот на мрежата ја знае и добитниот рецепт за игра на данско тло.

„Она што го одигравме вчера ќе се обидеме да го повториме и во Алборг. Доколку ја повториме агресивноста од вчерашниот натпревар мислам дека имаме свои шанси да покажеме дека победата не е случајна. Сè што правевме, правевме со одредена цел, ниеден потег не беше залутан. После победа над светски шампион сите се чувствуваме убаво и не летаме во облаци, бидејќи за два дена ни следи натпревар во Данска. Тие ќе се обидат да ни вратат за овој пораз“ – додава голамот.

Како клучна одлика за победата на вчерашната средба според искусниот голман беше добрата одбрана над еден од најдобрите ракометари на денешницата, Микел Хансен.

„На Светското првенство Хансен погодуваше 10 гола од 12 обиди, 11 од 13. Вчера постигна 11 гола, но од 17 обиди и мислам дека не беше перфектен. Тој тип на играч својот просек на голови ќе го постигне, но битно е од колку обиди. Исто така е важно екипата да не го следи, а вчера мислам дека, освен Менсах Ларсен, немаше некој кој постигна повеќе од 3-4 гола. Тие се вонсериски играчи и својата цел ќе ја постигнат, но ако остатокот на тимот не одигра на ниво, имаме шанса против секој ривал“ – заврши Митревски.

Се вчитува...