Митревски: Чешка не е топ-репрезентација, но …

Никола Митревски е свесен за тежината на претстојниот двомеч со Чешка, на кој нашиот ракометен национален тим ќе води битка за пласман на СП 2023 што ќе се одржи во Полска и во Шведска.

Чесите се ривал што до пред извесно време многу добро го познававме, но откако во последните неколку години не се сретнавме со нив во квалификациите, ждрепката сакаше токму оваа селекција повторно да ни стои на патот до еден мундијалски настап.

„Во последните неколку години за чудо не игравме со нив бидејќи претходно редовно се среќававме со овој ривал, како во квалификациите, така и на големите натпреварувања. Имаме со нив и позитивни и негативни искуства, сме добивале и сме губеле… тие не се топ – репрезентација, но со она што го покажаа на последното европско првенство, тие и покрај тоа што не поминаа група докажаа дека се сериозна селекција како колектив и треба да одработиме на најдобар можен начин. Мораме да се подготвиме идеално и физички и тактички за да можеме да им парираме“, вели искусниот чувар на мрежата на македонската репрезентација.

Едно е сигурно, Чесите ќе настојуваат уште на првиот меч да обезбедат што поголема предност во салата во Злин, со што би си ја олесниле задачата за реваншот во Скопје, со оглед на фактот дека им е добро познато како се „гори“ во „скопскиот вулкан“.

„На првиот натпревар треба да одиграме на високо ниво, солидно, како што знаеме и што сме способни, а потоа на реваншот во Скопје со голема поддршка од публиката да обезбедиме пласман на светскиот шампионат. Чесите коментираат дека сакаат што поголема разлика во Злин, но тоа е нивна математика, сосема различна од онаа нашата. Треба да се подготвиме за нашата игра, без разлика што тие планираат. Ако тие бркаат голема позитива, тоа значи и притисок врз нив самите, ќе донесе и грешки бидејќи секогаш кога се брка некоја разлика, без оглед дали е тоа три, пет или седум гола, притисокот придонесува да се прават грешки кои се невообичаени. Затоа, ние мораме да бидеме фокусирани да го одиграме она што ќе го тренираме овие денови“, изјави Никола Митревски.

Се вчитува...