Никола Митревски ќе биде еден од ретките искусни ракометари кои ќе настапат за македонската репрезентација во првата фаза од подготовките за европскиот шампионат. Тој на првиот ден од подготовките им порача на помладите играчи да ја искористат шансата во овие подготовки и контролни средби, да се наметнат за место во финалниот список на селекторот.
„Јас отсекогаш сум велел дека е голема чест да се биде дел од репрезентацијата, тоа се уште е мој став и мило ми е што сум овде, да помогнам на овој подмладен состав. Често велиме дека е потребен подолг ростер, младите да преземат одговорност, ова е одлична шанса тие да ги покажат своите квалитети, да се наметнат кај селекторот. На големите натпреварувања често средбите се решаваат со еден до два потези, добра игра во одбрана или акција во напад, би било одлично кога неколку помлади ракометари би им биле од помош на поискусните, за на крајот да оствариме што подобар резултат како репрезентација“ – изјави Митревски.
Групата не е премногу атрактивна, противниците се незгодни, но голманот верува дека може да се стигне до посакуваниот пласман.
„Тоа е група во која нема изразит фаворит, сите имаат шанса за да се пласираат во следната рунда. Квалитетот е израмнет, но тоа е наша шанса да сториме се не само за да се пласираме на ЕП, туку и да стигнеме до првото место и да пренесеме бодови кои многу би ни значеле во борбата за што повисок пласман. Наш адут е искуството, фактот дека голем дел од клучните ракометари подолго време играат заедно, како и континуитетот од настапи на големите натпреварувања, нешто што не е случај со сите останати репрезентации од нашата група“ – потенцира Митревски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА