Митревски: Шансата да се игра за Македонија не ја добива секој

Најмладиот играч во нашиот репрезентативен состав за престојните дуели со Естонија и Италија ќе биде 17-годишнит Андреј Митревски. Играчот на Феникс 2010 оваа сезона е на позајмица во прволигашот ТФТ каде добива минутажа на домашната сцена, брои и минути во БИБЛ лигата, а сега добива шанса и во сениорскиот дрес.

„Повикот во репрезентацијата го гледам како голем поттик за понатаму. Фактот дека за прв пат треба да бидам дел од оваа селекција значи многу за мене. Тоа ми е уште поголем мотив да работам напорно во животот. Го одработуваме првиот тренинг, и навистина сум многу сум возбуден. Искрено се надевам дека ќе дадам се до себе на тренинзите па ќе видиме што ќе направиме понатаму“ – изјави бекот на ТФТ.

Митревски беше еден од лидерите на нашата младинска репрезентација во големиот подвиг во Сараево кога се изборивме за бронзениот медал и промоција во „А“ дивизија, а во иднина се очекува да биде предводник и на сениорите во нови походи во Европа. Бекот е благодарен за шансата за настап во првиот состав, но е и спремен за надмудрување.

„Нормално е дека сум подготвен, оваа шанса не ја добива секој, и не се добива секогаш. И затоа мора и да ја искористам“ – додаде Митревски.

Се вчитува...