Митревски: По две и пол години првпат ќе играме пред полни трибини, верувам дека публиката ќе биде нашиот осми играч! 

Ракометната репрезентација на Македонија вечерва ќе го одигра првиот бараж меч против Романија на домашен терен. Селекторот Кире Лазаров и неговите избраници со победа на овој двобој ќе направат сериозен чекор напред кон обезбедување пласман на Светското првенство во 2023 година.

Романија е веќе добро познат противник за Македонија. Гостите на клупата го имаат Чави Пасквал, па нашите ракометари се свесни дека искусниот стратег добро ќе ги подготви соите играчи, но од другата страна веруваат дека на дело ќе докажат зошто се фаворити на овој дуел.

„Мислам дека можеме да одговориме на задачите кои ни ги задава стручниот штаб. Би требало да го дадеме најдоброто од себе и со два добри меча да се пласираме во следниот бараж. Никако не би ја потценил Романија која има квалитетни играчи, а исто така и повеќе време се подготвуваше од нас за овој дуел. Сакам публиката да биде нашиот осми играч и заедно да извојуваме победа“, вели Никола Митревски, чуварот на мрежата на Македонија.

Митревски потенцира дека морат да бидат внимателни, бидејќи се два бараж меча. Македонија има доволно информации за противникот, кој во Скопје нема да дојде со бело знаме.

„Поголемиот дел играчи кои ќе бидат во составот ги имав како противници во Романија. Дали открив некакви тајни? Не, во стручниот штаб го имаме Бранче Ангеловски кој беше таму многу подолго од мене и ги познава сите играчи. Сметам дека имаме доволно информации за нивните квалитети. Но, никако не смее да го потцениме противникот. На вакви два бараж-меча мора да се внимава. Не сакам да прогнозирам за резултати и што и како би било, затоа што противникот е квалитетен, сигурно нема да дојде кај нас со бело знаме. Плус тука е и селекторот Чави Пасквал кој работи во романска екипа и ги подготвува играчите да бидат на највисоко ниво, тоа го увидовме на натпреварите во ЛШ каде репрезентативците од неговиот тим добија поголема минутажа. Мора да бидеме претпазливи“, изјави Митревски.

За првпат после две и пол години, нашите момци на домашен терен ќе играат пред публика, поради пандемијата коронавирус, изминатиот период сите победи беа прославени пред празни трибини. Натпреварот меѓу Македонија и Романија е закажан за вечерва од 19 часот во СЦ „Борис Трајковски“. Реваншот меѓу овие две селкции е закажан за два дена (сабота) во Букурешт, подобриот од оваа пресметка ќе се сретне со Чешка, последен чекор до Мундијалот.

Се вчитува...