Митревски: Публиката беше фантастична, кога паѓавме имавме поддршка

Голманот на македонската репрезентација Никола Митревски, голем дел од заслугата за пласманот на Мундијалот го препиша и на публиката во салата која вечерва дала безрезервна поддршка.

Митревски кажа дека во миговите кога имало пад во играта, тука била публиката да даде поддршка и да ги „дигне“ момците да продолжат во ист стил.

„Игравме одлично и тука и во Злин. Таму паднавме последните 10 минути, имавме добар резултат, не искористивме на крај, разликата меѓу таму и тука беше феноменалната публика. И кога паѓавме имавме поддршка од нив. И кога беше тешко тие секогаш навиваа, и  имаат голема заслуга за пласманот на Светското првенство. Штета што не победивме два пати, денеска можевме и со повеќе разлика, но најважно е што сме на Светското првенство, и можеме на раат да се спремаме за ЕП“, рече Митревски.

Околу играчите, Митревски кажа дека јавноста нема трпение околу одредени играчи, но дека сега се доаѓа на свое место со одличните настапи на оние од кои се очекуваше.

„Ние сме шампиони во тоа да дигнеме некој играч или екипа, и да го уништиме. Немаме трпение, немаме трпение да го израснеме играч што се вели, него веднаш се бараат големи натпревари и по 10 голови да даваат. Си има секој играч свој квалитет со кој знаат да решаваат натпревар, не залудно играат во такви клубови. Повозрасните се тука да им дадат поддршка на младите“, вели голманот на нашиот национален тим.

Се вчитува...