Митревски: Сите мора да дадеме поддршка на Лазаров и новиот стручен штаб

Никола Митревски сосема очекувано е прво решение на голманската позиција за престојните два квалификациски натпревари против Данска и кај новиот селектор, Кирил Лазаров.

Митревски вели дека за сите сега престои еден нов предизвик со ново искуство, преку кое треба да се дојде до враќање на македонската репрезентација на вистинските резултатски патеки.

„Лазаров и стручниот штаб мора да добијат поддршка од сите нас, да се обидеме максимално во овој краток период да се подготвиме за натпреварите со Данска. Мора да бидеме подобри од настапот на СП, тоа е основно, а потоа со време повторно да го вратиме сиот сјај на македонската репрезентација“ – вели Митревски и дополнува:

„Нема поголем мотив од тоа да се игра против светскиот шампион Данска. Многу ќе ни недостасува публиката, но знам дека ќе одиграме максимално. Мислам дека не треба премногу да земаме при срце и доколку доживееме неуспех, бидејќи имаме два меча против Швајцарија и Финска на кои влегуваме како фаворити и со максимален пристап потоа да го завериме пласманот на ЕП“.

Се вчитува...