МКФ: Еве како дојде до суспензии на клубовите

Раководството на МКФ преку соопштение до јавноста се осврна на изминатиот период и долговите на клубовите, кои доведоа до суспензии на четири македонски прволигаши. Соопштението на Македонската Кошаркарска Федерација го пренесуваме во целост.

Македонската кошаркарска федерација ја информира јавноста за последните случувања, поврзани со суспензиите на неколку екипи од Првата кошаркарска лига, поради неподмирување на долговите кон Федерацијата. Би сакале хронолошки да ја информираме јавноста за сите работи кои им претходеа на суспензијата.

Пред почетокот на сезоната 2016/2017 во Првата кошаркарска лига Управниот Одбор при МКФ донесе одлука за висина на таксите за странските кошаркари. Потоа следуваа неколку состаноци меѓу раководството на МКФ и членовите на Здружението на клубови од Првата лига. Сето ова потоа кулминираше со заеднички договор меѓу МКФ и Здружението на клубови од Првата лига.

Договор  според кој Федерецијата ќе  ја прифати Иницијативата на неколкуте клубови за свикување на Вонредно Собрание на МКФ, а канцеларијата на Федерацијата до клубовите да  ги достави фактурите со вкупни суми за надомест за регистрација на странските кошаркари, клубовите да ја платат само обврската кон ФИБА , а остатокот да биде платен во целост, еден ден по Вонредното Собрание на МКФ, кое се одржа на 15.12.2016 година, со барања за гласање, доверба / недоверба на претседателот на МКФ Петар Наумоски.

По завршувањето на Вонредното Собрание на МКФ, на кое претседателот Наумоски ја доби доверба од мнозинството на делегати, раководството на МКФ јавно го пролонгираше датумот за доплата на преостанатиот дел од таксата за регистрација на странски кошаркари до 20.01.2017 година.

Но, и покрај сите разбирања и заложби на раководството на МКФ, одредени клубови не го почитуваа договореното и се обидуваат преку нови состаноци на Здружението на клубови од Првата лига да го прекинат договорот, претходно прифатен од сите. На тој начин тие им  нанесуваат штета не само на поголемиот број на клубови кои го испочитуваа договорното и веќе ги подмирија своите обврски кон МКФ, туку и на самите себе и на клубоите со кои раководат.

Актуелното раководство на Македонската кошаркарска федерација од самиот почеток па се до денес се бори за воспоставување и почитување на редот, правилниците и Статутот на МКФ кој самите членки на федерацијата ги имаат изгласано.

Кошарката е спорт кој бара почитување единство и целосно применување  на пропозиции и акти кои на сите добро им се познати, во спротивно  се би било класична лакрдија.

Се вчитува...