МКФ го суспендираше Шкупи, ако не плати за една седмица испаѓа од Прва лига!

Македонската Кошаркарска Федерација денеска донесе одлука за суспензија на Шкупи, поради неплатени обврски од страна на чаирскиот клуб уште од ланската сезона. Управниот Одбор на МКФ на последниот состанок изгласа нова одлука со која на клубовите им се овозможува да ги покријат ланските долгови на рати, но откако Шкупи единствен не ја плати сумата во предвидениот рок, денеска е донесена одлука за суспензија.

Поради ова натпреварот меѓу Шкупи и Пелистер што требаше да се игра утре нема да биде на програмата. Воедно, клубот од Чаир ќе има рок од уште една седмица да ја плати сумата што ја должи, во спротивно во случај и на втор службено загубен натпревар ќе следи и автоматско исфрлање од првата лига.

Само за потсетување, Шкупи беше на работ од непријавување во елитното друштво и во минатиот месец, кога ги проби сите рокови, но од куќата на кошарката ги погазија сопствените зборови и му излегоа во пресрет, давајќи му можност да остане дел од Првата лига. Во меѓувреме овој тим претрпе убедливи порази на теренот, а не се консолидираше ниту на финансиски план, што резултираше со денешната суспензија.

Се вчитува...