МКФ: Котизацијата е обврска на клубовите, не на родителите

Македонската Кошаркарска Федерација преку соопштение до јавноста им порача на родителите на децата кои тренираат овој спорт да не прифаќаат да учествуваат во плаќање на котизацијата за учество на нивните деца во младинските лиги. Според МКФ, плаќањето на котизација е обврска исклучиво на клубовите и тотално погрешно е што потоа тие клубови парите за котизација ги бараат да бидат исплатени од децата кои би играле во лигата.

Соопштението на МКФ го пренесуваме во целост:

Македонската кошаркарска федерација сака повторно да ја сподели информацијата пред сè со родителите на младите кошаркари и кошаркарки во врска со плаќање на котизациите за учество во младинските лиги.

Со овој допис, сакаме да ја информираме сета јавност во Република Македонија дека котизацијата која се плаќа за учество во една лига е трошок кој паѓа на грбот на клубот, а не на неговите членови односно играчи како и нивните родители.

Кошарката е спорт кој треба да биде достапен за сите деца подеднакво, а не луксуз на поединци. Клубовите треба да овозможуваат да секое дете кое има желба активно да тренира и да напредува во овој спорт, а не финансиите да бидат примарни во селекцијата на играчите по клубовите односно школите.

Сакаме да апелираме до сите родители кои се злоупотребувани од страна на клубовите, да се охрабрат и да ја споделат секоја информација до МКФ и доколку се утврди дека биле доведени во заблуда и од нив се побарува да уплаќаат дополнителни средства за котизација клубовите ќе подлежат на соодветни санкции.

Се вчитува...